Лидерот на опозициската Демократска партија во Албанија, Љуљзим Баша, по состанокот со претседателката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, за денеска најави радикализација на активностите на обединетата опозиција.
Според Баша, денеска во 18 часот, сите главни патни правци во Албанија кои се поврзани со Тирана ќе бидат блокирани, како најава за ширење на граѓанската непослушност, пренесува „Танјуг“.
Претпладне, како што најави Баша, ќе бидат одредени задачите на привремената влада.
„Ние сме во длабока политичка, уставна, економска и социјална криза и во последниве 24 часа стана јасно дека земјата е во комплетна криза во најважниот процес за Албанија, односно во процесот на европска интеграција. Причината за ова е изборниот криминал. Ние ќе продолжиме со нашите активности на секој план“, рече Баша, објавувајќи ја блокадата на патиштата и договорот со опозициската коалиција за задачите на преодната влада која треба да гарантира слободни и фер избори.