Двократниот светски шампион, Фернандо Алонсо призна дека до јули месец ќе донесе конечно решение дали да се врати во Формула 1 во 2020 година.
Шпанецот се повлече од Гран При трките по неколку разочарувачки години со тимот на Мекларен, со кој го запиша најслабото претставување во историјата на славниот британски тим.
Алонсо веќе најави дека нема да се натпреварува во сериите „Ле Ман” следната година, што ги засили гласините за неговото враќање во Формула 1. Се уште не е јасно, ако тоа се случи, дали Шпанецот ќе го добие назад првотимскиот статус во Мекларен, или ќе преговара со други тимови.
– До јули месец ќе ја објавам одлуката каде ќе се натпреварувам во 2020 година. Се уште нема ништо официјално, па не можам да одговорам дали се враќам во Формула 1. Имам таква желба, но треба прво добро да размислам. Има и други опции пред мене, како Индикар и други серии. Тоа што во следната година нема да се натпреварувам во сериите „Ле Ман”, не значи дека нема да се вратам по години. Сега размислувам за следниот чекор во својата кариера, за долгорочните планови се уште е рано, изјави Шпанецот.