Еден контроверзен американски баптистилки свештеник добил забрана да проповеда во Холандија и да влезе во Шенгенска зона во Европа, која опфаќа 26 држави,поради неговите екстремни ставови против ЛГБТ и еврејската заедница, пренесува РТ.
Стивен Андерсон, кој своевремено го пофалил масовното пукање во еден ноќен клуб за хомосексуалци во Орландо, требаше да проповеда во Амстердам на 23 мај во рамките на својата европска турнеја, во која биле вклучени и јавни настани во Шведска и во Ирска.
Загрижени поради добро документираниот говор на омраза на пасторот, застапниците на хомосексуалните права и голем број пратеници ја повикаа холандската влада да му забрани влез во земјите на Бенелукс.
Во средата, холандската влада усвои мерки за да го спречи 37-годишниот свештеник да влезе во Шенген зоната.
„Владата презема одлучни мерки против екстремистички говорници кои, ширејќи ги своите верувања, ги ограничуваат слободите на другите или дури поттикнуваат омраза или насилство”, рече холандскиот државен секретар за правда и безбедност, Марк Харберс, без да дадат дополнителни детали.
Андерсон, кој допрва треба да добие официјално известување од Холанѓаните во врска со неговата забрана, ја критикуваше одлуката на Амстердам, која го спречува да поучува за Евангелието.
„Ако сакаат да го отфрлат човек кој верува во Библијата и ја проповеда Божјата реч, тогаш тоа е нивна загуба”, рече свештеникот, предупредувајќи ги Холанѓаните дека ќе завршат на ист начин како Содом и Гомора, алузија на грешниците уништени од Божјиот гнев.
Ова не е прв случај Андерсон да добие забрана за влез во некоја земја. Јамајка, Јужна Африка и Велика Британија му забранија влез во минатото. Тој исто така бил депортиран и од Боцвана поради својот говор на омраза.
Андерсон е добро познат негатор на Холокаустот и страствен антигеј активист, кој отворено зборува и против правото на абортус. Тој, исто така, наводно се залага за егзекуција на хомосексуалците пред стрелачки вод бидејќи така заповеда Библијата.