Продолжува тензичната атмосфера во Венецуела. Илјадници луѓе излегоа на улиците на Каракас за да го натераат претседателот Николас Мадуро да ја напушти власта, а во меѓувреме расте напнатоста меѓу САД и Русија поради политички судири меѓу членовите на ОПЕК во таа држава.
Лидерот на опозицијата Хуан Гваидо повика на најголеми протести во историјата на Венецуела и побара поддршка од војската, но водството на вооружените сили остана верно на Мадуро, кој е на власт од 2013 година. Гваидо ги повика илјадниците приврзаници да останат на улиците.
„Ако режимот мисли дека сме го достигнале максималниот притисок, не може ни да замисли што го чека. Мораме да останеме на улиците“ порача Гваидо пред илјадници приврзаници во источниот дел на Каракас. Тој ги повика и сите вработени во јавните служби да почнат со генерален штрајк.
Во протестите, како што пренесе Би-би-си, демонстрантите се судриле со полицијата фрлајќи камења, на што силите на редот возвратиле со солзавец. Во нередите, според информациите, загинала една жена.
Опозицијата во Венецуела често организира улични протести против Мадуро, но досега не успеала да го натера да замине.