Град Скопје остро ги демантира невистините изнесени од ВМРО-ДПМНЕ и Светлана Колариќ во врска со изградбата на булеварот АСНОМ и мостот на реката Вардар помеѓу Аеродром и Ќерамидница.
Градот Скопје деновиве започна со подготвителните работи од првата фаза од овој капитален проект, за кои беа поминати сите потребни законски постапки. Активностите се извршуваат согласно Програмата за работа и Планот за јавни набавки и според нив булеварот АСНОМ е започнат навреме според сите правила.
Дополнително, токму со цел да се избегнат вакви можни проблеми поради изборната кампања за Претседателските избори, Градот Скопје реши да не организира официјален настан, туку овие информации беа дадени како дел од новинарско прашање, а градот секако дека има право да ги информира граѓаните за своите активности.
Од аспект на дозвола за градба, деновиве започнаа само подготвителни работи за овој проект, а соодветна градежна дозвола Градот Скопје сам ќе издаде во моментот кога ќе дојде времето за конкретни градежни активности.
Околу обвинувањата за непознати извршители на градежните работи, Градот Скопје спроведе транспарентна јавна постапка и преку електронска набавка е избран најповолниот понудувач, а договорот е потпишан пред точно еден месец.
На официјалната страна на Бирото за јавни набавки е објавен потпишаниот договор помеѓу Град Скопје и БАУЕР БГ, самото електронско наддавање помеѓу учесниците на јавната набавка и сите останати потребни информации кои и стојат на располагање на целата јавност.