Европската унија усвои нова програма од осумнаесет милиони евра за стабилизација на регионите ослободени од џихадистичката група Исламска држава во североисточниот дел на Сирија.
Програмата ќе има за цел да им обезбеди основни услуги на жителите на ослободените зони како вода и храна, а ќе биде задолжена да помогне и за деминирање во Рака и Деир Ез-Зор, соопшти Европската комисија.
Освен овие средства, Европската унија веќе помага со речиси седумнаесет милијарди евра во Сирија.
– Го зголемуваме нашиот ангажман за справување со хуманитарните потреби и поддршка на заедниците да можат да се вратат да живеат безбедно во регионите ослободени од ИД, изјави високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Конфликтот во Сирија трае веќе девет години, неодамна неколку зони на североистокот беа ослободени од Исламската држава благодарение на интервенција на меѓународната коалиција.