Во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат за денеска е закажано сослушување на повеќе лица, кои ќе бидат назначени на одредени функции, меѓу нив и новоименуваната амбасадорка на САД во земјава Кејт Мари Бернс.
Откако нејзината номинација ќе помине во Комитетот, Бернс треба да добие зелено светло и во Сенатот на САД за да се официјализира нејзиното именување.
Кејт Мери Бернс беше номинирана од претседателот Доналд Трамп за нов амбасадор во Северна Македонија, по истекот на мандатот на Џес Бејли.
Таа е дипломат од кариера, ветеран со 24 годишен стаж. Пред номинацијата за амбасадор во Скопје, таа од септември 2017 година беше на позицијата заменик-амбасадорка во американската Амбасада во Атина. Работела како советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид, виш цивилен претставник на Стејт департментот во оперативната група Бастон/Бронко на аеродромот Џалалабад во Авганистан и советник за односи со јавност во Мисијата на САД во НАТО. Зборува шпански, унгарски и турски јазик. Од септември 2017 година таа работи на позицијата заменик-амбасадорка во Американската амбасада во Атина.
Сенатот минатиот месец имаше сослушување за потврда на номинацијата на Бернс. Таа тогаш најави три приоритети, кои ќе бидат во фокусот на нејзината работа како иден амбасадор во Скопје -стабилност преку силни институции, безбедноста преку партнерство и промоција на просперитетот преку позитивно влијание со фокус на унапредување на човековите права, слободни медиуми и отворени пазари.