Катастрофален е податокот што сега над 70 проценти од младите својата иднина ја гледаат надвор од Република Македонија, оцени вечерва кандидатот за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова на трибината во Скопје, насловена „Ќе пакуваме куфери или ќе гласаме и одлучиме за нашата иднина?”
Сиљановска-Давкова рече дека како професорка секогаш ги учи младите да бидат критичари, да не се поданици, да не веруваат во замислени авторитети, потенцирајќи дека доколку на највисоките места се најквалификуваните, највредните и најморалните, тогаш младите ќе останат во сопствената држава и токму овде ќе ја градат својата иднина.
Според неа, воведувањето на прогресивниот данок ги погодило граѓаните, меѓутоа, како што рече, власта на СДСМ и Заев немаат слух за да ги слушнат мислењата на странските комори но и на домашните експерти.
-Ќе ве потсетам само на даночната политика. Кого го погоди таканаречениот прогресивен данок, токму ИТ-секторот. Значи, сите укажуваа дека тоа не е добра постапка и странските комори и домашните експерти, меѓутоа немаше кој да ги слушне, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека за овие две и пол години власта не направила ниту една значајна реформа којашто ќе биде од значење за граѓаните, освен, како што рече, промената на уставното име на Република Македонија.
-Две и пол години се потрошени на што. Само на двата договора, јас не гледам други промени, рече Сиљановска-Давкова на трибината во Скопје.