Воведувањето на таксите од 100 отсто на стоки од централна Србија е точна и легитимна одлука на косовските институции, кажа косовскиот претседател Хашим Тачи, додавајќи дека и покрај тоа српските производи влегуваат незаконски во Косово.
Според „Клан Косово“, тој исто така рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ не е загрижен за таксите, бидејќи српските производи влегуваат на Косово преку други патишта.
„Српскиот претседател Александар Вучиќ не е многу загрижен за наметнувањето на даноците, бидејќи српската стока влегува во Косово од Црна Гора, Албанија, Македонија, но за жал со шверц“ рече Тачи по завршувањето на Берлинскиот самит.
Тој оцени дека Вучиќ, иако загубил неколку милиони евра, „се здобил со репутација во поглед на сликата за тоа како на Србија ѝ се нанесува неправда, и се однесува како жртва”.
„Таксата е исправна одлука и мора да остане во сила. Ја поддржував оваа идеја од самиот почеток. Ниту повикав на суспензија, ниту на прекинување, тоа е чиста лага“ додаде Тачи.