Заев на одбележувањето на 50 години МНР: Водиме меѓународна политика којашто ги решава предизвиците, станавме кредибилен играч на меѓународната сцена

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 50-годишнината од воспоставување на македонската дипломатија.

Пред претставниците на дипломатскиот кор во земјава и бројни гости од земјава и од странство, Премиерот Заев го истакна своето задоволство што токму годинава, којашто е клучна за евро-атлантските аспирации на Република Северна Македонија, се навршуваат цели 5 децении од зародишот и поставувањето на темелите на македонската дипломатска мрежа.

Во продолжение Ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на Премиерот Заев.

„Пред точно половина век беше формирано Бирото за односи со странство, односно институцијата – претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое што пак на Денот на независноста, на 8 септември 1991-вата година започна со изградба на сопствена дипломатска мрежа и ја презеде одговорноста за етаблирање на земјата како независна и суверена држава.

Оттогаш, но особено во последните 2 години, главна определба на Министерството за надворешни работи и на Владата на Република Северна Македонија е да делуваме проактивно и конструктивно во меѓународните односи, да ги решаваме проблемите и прашањата со коишто ќе се судриме, притоа почнувајќи од најгорливите отворени прашања со соседите. Наша цел е и да ја промовираме државата како кредибилен и релевантен соговорник во сите меѓународни организации.

Денес, гордо и со крената глава можам да кажам дека ваквата наша определба е преточена во реална меѓународна политика. Северна Македонија за многу краток период ги реши сите отворени прашања и несогласувања со соседите.

Од „изолирана држава“ прерасна во модел за успешно решавање на билатералните спорови. Од нашите најголеми противници создадовме наши најголеми сојузници и поддржувачи на патот кон НАТО и кон Европската Унија. Реалност стана нашата стратешка ориентација и долгогодишен стремеж да бидеме на иста маса со големите сили во НАТО сојузот. А веќе сме на чекор да го преминеме и „прагот“ на Европската Унија. Овие факти за мене, а верувам и за сите граѓани на оваа наша земја се повеќе од доволни да продолжиме во ист правец кога е меѓународната политика во прашање.

Денешниот јубилеј е навистина значаен бидејќи е сведоштво за континуитет. Но со себе носи и голема одговорност – да создаваме уште поуспешна меѓународна политика. Затоа, заедно со Министерството за надворешни работи, коешто е носечки столб на македонската меѓународна активност, ќе развиваме дипломатија заснована на професионалност, заслуги, континуирана едукација и искуство.

Во оваа прилика би сакал кратко да се осврнам и на јавната, или културната дипломатија. На неа се гледа како на дипломатска комуникација со јавноста во други земји со цел информирање и влијание врз публиката во странство со цел промовирање и унапредување на политиките што ги застапува некоја земја.

Го кажувам ова бидејќи тука со нас, како почесен гостин е нашата претставничка на годинашното издание на Евросонг – Тамара.

Можам да кажам дека нејзината и наша песна со која ќе настапи и ќе ја претставува нашата земја на изборот на песна на Евровизијата, е вистински погодок и репрезент на нашето општество – мултикултурно и еднакво за сите. Ги упатувам сите мои искрени надежи и поддршка за успех на нејзиниот настап, како и на тимот што ќе ја придружува. Уште еднаш, нека е честит Денот на македонската дипломатија“.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави