Лидерот на италијанската екстремна десница и министер за внатрешни работи Матео Салвини и унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретнаа вчера во Будимпешта каде најавија антимигрантски сојуз по европските избори, јави дописничката на МИА од Брисел.
Иако не се дел од истото политичко семејство, Салвини и Орбан констатираа дека имаат идеолошка блискост кога станува збор за миграцијата.
– Јасно бараме соработка со господинот Салвини, во облик кој треба да биде дефиниран, убеден сум дека на Европа и е потребен сојуз на антимигрантски партии, изјави унгарскиот премиер на прес конференцијата.
Голем број членови на политичката партија на Виктор Орбан во ЕУ, Европската Народна Партија (ЕПП) со месеци изразуваат незадоволство поради тврдите антимигрантски ставови на Унгарецот, како и поради неговите систематски напади врз независноста на институциите, медиумите и академските слободи.
Орбан вчера призна дека по изборите за Европски парламент на 26 мај, ќе биде „тешко” за неговата партија да си го пронајде местото во ЕПП и порача дека Европа треба да ја водат Орбан и Салвини, а не Макрон.
Салвини од своја страна е член на екстремната десница и близок до контроверзни фигури како Французинката Марин Ле Пен и има амбиција по изборите да создаде голема политичка група на суверенисти и националисти.
– Првпат во историјата на Европската унија, ново мнозинство ќе може да се формира и да ја остави на страна Европската Народна Партија и социјалистите, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи.
ЕПП засега е најголемата партија во ЕУ, но анкетите покажуваат дека би можела значајно да биде ослабена по овие избори во корист на партиите од екстремната десница.
Орбан најави и дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на 13 мај во Вашингтон. Поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон, најави дека негова амбиција е да им помогне на националистичките партии во Европа да победат.
На 18 мај, Салвини ќе организира голем собир на националистичките сили во Европа, но Орбан засега не го потврдил своето учество.