Раст на продажбата на „Тиквеш“ на домашниот и на странските пазари

Трендот на позитивни деловни резултати на Винарската визба „Тиквеш“ остварен во изминатите години, продолжува и во првиот квартал од оваа година.

Во првотото тромесечје од 2019-та година, продадени се над 2,5 милиони литри вино и ракија што е за 12,1% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Покрај раст на продажбата на домашниот пазар, продолжува да расте и извозот, при што најзабележителен е порастот на пласманот на пазарот во Бугарија, каде е регистриран раст во првиот квартал од 313,7%, по што следуваат: Хрватска, со раст од 310,8%; Црна Гора, каде растот е 32,9%; Косово, со 25,3%, како и пазарот на САД, каде е забележан раст на продадените количини од 76,8%.

Ваквиот пораст во продажбата донесе и раст на приходите за 12,4%, при што тие надминаа вредност од 353,4 милиони денари. Растот на приходите од остварената продажба на домашниот пазар изнесува 10%, а на странските пазари 16%.

Најголемо зголемување на продажбата се забележува кај „тероар“ вината и тоа за 109%, по што следуваат вината од линијата „класик“ со зголемување на продажбата од 24%, како и вината од премиум сегментот каде е забележан раст на продажбата од 14%.

Коментирајќи ги постигнатите резултати на компанијата во првите три месеци од годината, генералниот директор на „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ изјави: „Задоволни сме од оствареното во првиот квартал. Тоа ни овозможува да го одржиме континуитетот на позитивни резултати од минатите години и ни обезбедува солидно ниво на сигурност за реализација на нашите амбициозни деловни планови. Конкретно, ваквите позитивни резултати ќе ни овозможаат да продолжиме со интензивните вложувања во натамошна модернизација на процесите во винарницата, во примарното производство и обновување на сопствените лозови насади, како и во натамошно проширување и освежување на нашето портфолио на врвни вина, со што ќе продолжиме да им го нудиме на консументите она што тие го очекуваат и посакуваат“.

Неревидираниот финансиски извештај за првиот квартал од оваа година покажува и раст на бруто добивката од 12,1%, што е резултат пред сé на остварениот пораст на приходите од продажба.

Ваквите резултати влеваат оптимизам дека „Тиквеш“ во наредните квартали во целост ќе ги оствари деловните планови за раст во сите сегменти, вклучувајќи го производството и пласманот на врвни вина, што секако зависи и од надворешни фактори, пред сé од поволните климатски услови за производство на грозје.

 

Треба да знаете
Последни објави