Антикорупциска отвори предмет за хидроцентралите на Мицкоски
Членовите на Комисијата за спречување на корупција донесоа одлука да се испита како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски стекнал државно земјиште од 33 илјади метри квадратни за изградба на хидроцентрали и како добил концесија за користење на води.
Антикорупциска го отвора овој предмет по допрен глас, откако портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов ги објави информациите во јавноста. На денешната седницата Комисијата јавно го повика Костадинов да ги достави информациите што ги има поврзани со овој случај.
Според Антикорупциска, постојат големи индиции за злоупотреба на функција и судир на интереси, затоа што во исто време Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ и советник на премиерот.
Тој бил основач и сопственик на фирмата на која и биле доделени земјиштето и концесијата, а негов бизнис партнер, како што објави СДСМ, бил Димитар Димовски, во тоа време вработен на висока функција во Министерството за транспорт и врски.
Антикорупциска одлучи да отвори уште еден предмет за Мицкоски, односно да се испита дали има конфликт на интереси тоа што во исто време додека бил директор на ЕЛЕМ, бил и советник за енергетика во кабинетот на премиерот.