Вкупно 36.292 лица во недела ќе можат да го остварат своето право на глас во четирите најисточни општини Берово, Делчево, Македонска Каменица и Пехчево.
Според Мишо Догазански, претседател на Општинската изборна комисија во Берово, право на глас во вториот круг имаат 10.879 граѓани.
-Во вториот круг во општина Берово со право на глас во избирачкиот список се евидентирани 10.879 граѓани. Тие ќе гласаат на вкупно 36 избирачки места. Со досегашните активности се создадени сите услови да имаме уште еден успешен изборен ден во Берово, информира Догазански.
Од четирите општини, Делчево е најбројната според запишаните гласачи.
-Во Делчево право на глас имаат 14.673 граѓани кои ќе гласаат на 36 избирачки места. Исто како и во првиот, и во вториот круг очекуваме мирни и достоинствени избори, соопшти претседателот на ОИК Делчево, Владимир Петровски.
Македонска Каменица и Пехчево се општините каде гласачкото тело е меѓу најмалубројните во државата. Во Македонска Каменица во вториот круг на 17 избирачки места, право на глас имаат 6619 лица, додека во Пехчево 4.121 лице своето право на глас може да го оствари на едно од деветте избирачки места.