Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, зборуваше позитивно за презентацијата на Ливерпул на „Камп Ноу” пред неколку дена. Тимот од Мерсисајд загуби со 3-0 од Барселона, но според шпанскиот стратег, кој го следеше во живо натпреварот во средата, „црвените” треба да бидат горди на својата игра.
– Не верувам дека поразот на Ливерпул може да им влијае. Мислам дека натпреварот беше многу добар. И двата тима беа неверојатни. Презентацијата на Ливерпул беше исклучителна. Ми се допадна да ги гледам. Се бореа многу. Се разбира, гостувањето на Њукасл не е лесно, како што не е лесен и нашиот натпревар со Лестер. Ќе видиме што ќе се случи, но тие ќе бидат добро подготвени и ќе се обидат да го добијат натпреварот, изјави Гвардиола.
Запрашан дали Лионел Меси бил најголемата разлика во натпреварот во средата, Пеп одговори: „Да, но освен тоа Барселона се бранеше многу добро. Тие победија неверојатен тим. Во Ливерпул треба да се горди на настапот. Играа на најтешкиот за гостување стадион во светот и го направија тоа со многу храброст и карактер”.