Последен ден од кампањата, од полноќ изборен молк
Денеска на полноќ завршува кампањата на кандидатите за претседател на државата и за градоначалник на Охрид и Ново Село.
За денеска се закажани последните пораки на Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова до гласачите.
Кандидатот за претседател учествуваше во првиот круг, Блерим Река, преку Фејсбук им се заблагодаи на речиси 80.000 гласачи што го поддржаа и напиша дека нивно е правото да одлучат за кого ќе го дадат својот глас на вториот круг.
– Тие се само ваши гласови. Тоа е ваше свето право и на вас е да одлучите за кого ќе гласате на вториот круг. Ќе го повторам истото што го реков на почетокот на мојата претседателска кампања: јас не сум трговец со вашите гласови и нема да ве убедувам за кого ќе гласате оваа недела. Трговијата со вашите гласови е спротивно со мојот концепт за Републиката, особено со нејзиниот главен столб – владеење на правото. Од моја страна, јас би ве замолил да на 5 мај, излезете масовно на гласање, за Да покажеме дека сме одлучувачки фактор во Еуро-Атланскиот процес. порача Река.
Алијанса за Албанците на Централно претседателство вчера заклучи дека вториот круг од претседателските избори се одвива без конкретна понуда за граѓаните и апелираше тие в недела да го изразат својот суверенитет.
– Партијата го повторува ставот искажан за време на изборната кампања дека нејзините приврзаници не ги сметаат за сопственост и плен во функција на тесните интереси на одделни поединци. Секој глас за нас го зајакнува нашето партнерство со вас за градење, заживување и зајакнување на политичката платформа на Алијансата за Албанците во функција на уставната и социоекономската еднаквост на Албанците во Северна Македонија, заклучија од партијата на Зијадин Села.
Демократската партија за интеграција-ДУИ, пак, на митинг во Скопје ги повика своите членови и симпатизери поддршката да му ја дадат на консензуалниот кандидат Пендаровски. „Да излеземе на 5 мај и да го поддржиме кандидатот што е ориентиран кон ЕУ и НАТО“, порача раководството на ДУИ – коалицискиот партнер на СДСМ во Владата.
Изборниот молк ќе почне на полноќ. За време на 24-часовниот молк ќе гласаат затвoрениците, болните и немоќни лица, внатрешно раселените и во дијаспората. В недела право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓанин запишани во Избирачкиот список.