Германските иследници објавија дека во заедничката акција со САД и Холандија разбиле една од најголемите криминални платформи, која работела на „даркнет“, т.е. дел од интернетот на кој може да се пристапи само со помош на одреден софтвер.
Германската полиција соопшти дека тројца мажи биле уапсени под сомневање дека се одговорни за сајтот „Волстрит маркет”, каде што се продаваат кокаин, хероин, други дроги, кориснички податоци, фалсификувани документи и разни видови малициозен софтвер.
Сопствениците на сајтот зеле од два до шест отсто надоместок во криповалути за рекламирање стоки на нивната страница.
Во денешните рации во Германија се запленети 550.000 евра во готово, криптовалути, сервер, хард-дискови и разни други докази против уапсените, објави АП.
Американските власти уапсија двајца наркодилери во Лос Анџелес, запленија милион долари во готово, оружје и дрога.
Имињата и повеќе детали не се познати во овој момент.