Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели изјави дека косовските власти нема да носат одлука во врска со таксата од 100 отсто на увозот од Србија и БиХ пред средбата со српските челници, што на покана на францускиот преседател Емануел Макрон ќе се одржи на 1 јули во Париз, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели изјавата ја даде на прес-конференција по состанокот на државниот врв, на кој се разгледани активностите на косовската делегација на самитот на лидерите на Западен Балкан во Берлин во однос на дијалогот со Белград.
– Немаме намера да донесеме одлука која ќе доведе во незавидна позиција некого од државните раководители. Никогаш нема да се потчиниме на Србија и на српскиот претседател Александар Вучиќ. Одлуките ги донесуваме одмерено, имајќи предвид што велат Соединетите Американски Држави и нашите партнери во Европската унија, изјави Весели.
На состанокот во кабинетот на Весели учествуваа претседателот на државата Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и претставници на државниот тим за преговори со Србија, при што, како што рече парламентарниот спикер, заеднички е оценето дека берлинскиот самит бил корисен.
– За нас е значаен овој процес и ние ќе учествуваме секаде каде што не канат, така што Косово ќе оди и во Париз, изјави Весели, заблагодарувајќи им се на германската канцеларка Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон за нивното залагање за Косово.