Пресудата за „Титаник 2″ е доставена до осудените лица, кои по приемот имаат право на жалба преку Основниот суд Скопје 1 до Апелациониот суд во Скопје, информираат денеска од Кривичниот суд во Скопје.
– Заради зголемен интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека пресудата за предметот со КОК бр. 62/17 од обвинителството означен како „Титаник 2 “, објавена на јавна расправа на 08.03.2019 година, е писмено изработена и експедирана до странките кои по приемот на истата имаат право на жалба преку Основниот суд Скопје 1 – Скопје до Апелацискиот суд – Скопје, а во меѓувреме пресудата е во фаза на преведување и на албански јазик, се наведува во соопштението од Основен суд Скопје 1.
Пресудата за случајот „Титаник 2” на Специјалното јавно обвинителство, судот ја објави на 8 март годинава.
За изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков доби казна затвор од три години, исто толку добија и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, додека лидерот на ДПА Мендух Тачи доби три години и два месеца, а највисока казна од четири години и шест месеци му беше изречена на Бедредин Ибраими.