Американската вселенска агенција НАСА веќе се подготвува за доаѓањето на голем астероид наречен бог на хаосот (God of chaos), кој ќе помине покрај Земјата за 10 години. Луѓето на 13 април 2029 година кои ќе погледнат кон небото ќе имаат можност да забележат какo минува мала точка светлина, која ќе станува сè посветла и побрза. Небеското тело ќе се движи толку брзо што ширината на Месечината ќе ја минe за една минута, а ќе биде светло како ѕвезда на небото. Научниците го нарекоа астероидот Апоп, според египетскиот бог на хаосот, пишува британски „Индипендент“.
Ваквата светла точка ќе биде голем астероид, со дијаметар од 340 метри, за чие следење додека ќе минува покрај Земјата, НАСА веќе се подготвува. Американската вселенска агенција вели дека астероидот ќе биде доволно оддалечен за да мине безбедно, односно на растојание од околу 19.000 милји, што одговара на растојанието на кое се движат некои вселенски летала.
Сепак, астероидот ќе мине доволно близу за научниците да добијат досега незабележан увид. Така, ќе може да се набљудуваат остри детали и да се следи движењето на астероидот на нови начини. Астероиди од оваа големина ретко минуваат близу до Земјата. Научниците одблиску следеле помали астероиди, но нешто со вака колосална големина e вистинска реткост, објави НАСА.
„Блиското минување на Апоп во 2029 година ќе биде неверојатна можност за науката. Ќе го набљудуваме астероидот со оптички и радарски телескопи. Радарското набљудување ќе помогне во увидот на повеќе детали од површината кои се со големина од неколку метри“, вели Марина Брозовиќ, научник на НАСА во Пасадена, Калифорнија.
Инаку, научниците оваа недела се состанаа на конференција за планетарна одбрана во Колеџ Парк, Мериленд, каде што, меѓудругото, разработуваа сценарија за судир со астероид, односно разговараа за тоа како може да се набљудуваат астероидите и во пресрет да им испраќаат истражувачки мисии.