“Водејќи се од искуствата од големата мигрантска криза, како научена лекција можеме да заклучиме дека размената на информации и координација меѓу нашите инститиции е од особена важност…И тоа на сите нивоа, независно дали се работи за земјите од ЕУ, или за земјите од Западен Балкан долж мигрантските рути. Правовремената информација е круцијална за правилно распоредување на силите, планирање и преземање соодветни мерки.“.
Ова, меѓу другото, денес во Виена го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето кусо воведно обраќање во својство на копретседавач на министерската конференција “Миграциските предизвици долж Источно-Медитеранската/Западно балканска рута“, на која што во организација на австриското МВР, учествуваа министрите за внатрешни работи од повеќе земји од ЕУ (Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Германија, Грција, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Швајцарија, и земјата домаќин – Австрија) како и министрите за внатрешни работи од земјите на западниот Балкан.
Министерот Спасовски, исто така говорејќи во рамки на првата панел дискусија на конференцијата а посветена на граничното управување од аспект на превентивните стратегии и механизми потенцираше дека: “Нам ни е неопходно не само градење туку и постојано надградување на заеднички превентивен концепт кој што на сегментот на гранично управување ќе му даде дополнителен инпут и квалитет во работењето. Тие превентивни механизми мора да подразбираат конкретна соработка во делот на прибирањето информации, во меѓу институционалната комуникација, и во оперативното постапување. Само така можеме да квалитативно и реално, пред се, да ги унапредиме нашите потенцијали за справување можните кризни состојби и опасностите што тие ги носат“.
,,Еден од крупните предизвици е и појавата на организираниот криминал во заветрината од миграциските движења, особено во делот на илегалните миграции, но и недозволената трговија, како и исклучително опасната закана од инфлитрирање на екстремистички и терористички групации во мигрантските движења ширум територијата на Европ. Ова повеќе од јасно ни покажува дека станува збор за исклучително сложен и повеќеслоен проблем за чие ефикасно сузбивање е неопходен ефикасен систем на гранично управување,,.
Инаку, според предвидената агенда на конференцијата министрите во двете панел сесии ќе разговарат околу повеќе прашања од суштинско значење за превенирање од евентуална миграциска криза, односно миграциските предизвици, граничното управување, меѓународната соработка и превенција од илегалната миграција, особено во контекст на пролиферација на ескремистичко-терористички групи и друго. Предвидено е министерот Спасовски да има свое излагања и во втората панел дискусии, а министерката конференција ќе финишира со потпишување на заедничка Декларација за идните планови за дејствување што ќе биде презентирана на заедничка прес конференција.