Шпанската Влада не планира да им го предаде на венецуелските власти опозицискиот политичар Леополдо Лопез кој се засолни во резиденцијата на шпанскиот амбасадор во Каракас, соопшти Владата во Мадрид.
Во соопштението се додава дека Лопез, неговата жена и ќерка влегле во резиденцијата на шпанскиот амбасадор по своја волја, како и дека шпанската Влада се надева оти властите на Венецуела ќе го почитуваат суверенитетот на резиденцијата.
Венецуелскиот суд вчера издаде налог за апсење на опозицискиот политичар Леополд Лопез поради кршење на судскиот налог за куќен притвор од 2017 година. Лопез во вторникот го напушти својот дом во Каракас и заедно со опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се појави на митингот против Николас Мадуро. Подоцна тој се засолни во резиденцијата на шпанскиот амбасадор во Каракас.
Лопез пред влезот во резиденцијата им се обрати на новинарите и рече дека во изминатите недели разговарал со високи воени функционери кои му рекле дека се за соборување на Мадуро од власт.
Лопез беше уапсен во 2014 поради тоа што предводеше протести против Мадуро.