Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ, која долги години работи на набљудување на избори, во денешното интервју за МИА ги повикува граѓаните да излезат и да го искористат своето гласачко право на утрешните претседателски избори. Алексов не дава проценка околку исходот или текот на изборниот ден. Вели успешноста на изборите односно исполнувањето или неисполнувањето на цензусот во голема мера ќе ја покаже патеката по која Северна Македонија ќе се движи во однос на ЕУ и евроатланските интеграции.
Каква беше кампањата на двајцата претседателски кандидати пред вториот круг од изборите?
Она што можевме да го видиме помеѓу двата круга беше кампања со помал интензитет, а на тоа секако влијаеја и велигденските празници. Како и пред првиот круг, не беа регистрирани инциденти кои влијаеја на атмосферата во која се спроведе кампањата, или со други зборови како и за првиот круг така и за овој немаше притисоци, злоупотреба на државни ресурси и друго.
Очекувате ли утре граѓаните да изберат нов претседател на државата односно да има доволна излезност, демократска атмосфера и фер избори?
Граѓанската асоцијација МОСТ никогаш не дава проценки околу исходот или текот на изборниот ден. Нашите согледувања за утрешниот ден ќе бидат дел од прелиминарната изјава во понеделник. Она што може денес да го направиме е тоа што го правиме веќе по 14 пат во последните 18 години а тоа е да ги повикаме да го искористат своето гласачко право, односно да излезат и да гласаат на изборите. Успешноста на изборите односно исполнувањето или неисполнувањето на цензусот во голема мера ќе ја покаже патеката по која Северна Македонија ќе се движи во однос на ЕУ и евро-атлантските интеграции.
Со колку набљудувачи МОСТ ќе го следи изборниот ден?
Како и за првиот круг, МОСТ ќе ангажира повеќе од 1.500 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 1.160 набљудувачи. Покрај нив, ќе имаме и 100 мобилни тимови составени од двајца набљудувачи распоредени во сите општини низ државата. 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на ДИК.
Имајќи го предвид Вашето искуство со набљудување на избори, вклучувајќи и претседателски избори, по што се разликуваше оваа изборна кампања од досегашните?
МОСТ исто така не дава компарации со претходни изборни процеси, но факт е дека кампањата беше релаксирана и без инциденти кои влијаеја на атмосферата во која се спроведе кампањата. Значаен сегмент за тоа каков е интензитетот на кампањата има и природата на изборите, односно, за каков тип на избори станува збор. Имено, кога се во прашање парламентарни или локални избори пред се бројот на кандидатски листи и бројот на кандидати е повеќепати поголем, а со тоа и бројот на настани и комуникациијата со потенцијалните гласачи. Во 2014 година со вториот на претседателските избори беа организирани и вонредни парламентарни избори, што само по себе придонесе за поголема динамика, за многу повеќе настани на терен и за многу поинтензивна комуникација со граѓаните. Со самото тоа се промени и општата атмосфера на изборниот процес. Всушност тие две кампањи некако се споија и кандидатите и од една и од другата страна заеднички настапуваа и се претставуваа пред граѓаните и ги претставуваа своите програми. Нешто што до 2016 година непостоеше или го имаше како исклучок во политичкиот, општествениот живот и во време на кампања, а тоа се дебатите, во конкретниот случај имаме дебати речиси секој втор ден, имаше серија на дебати, по што граѓаните можат да си донесат сопствен суд, заклучок, да ги слушнат ставовите и мислењата на кандидатите, а со тоа да направат информиран избор кога ќе излезат да гласаат. Нешто што во голема мера не се случуваше до 2016-2017 година. Тоа што исто така е како еден белег на оваа кампања е моментот на „црна кампања”, за разлика од сите други сегменти каде што бележиме подобрување. Има банери, спотови, се пласираат еден куп лажни вести… Изборите се пред се и треба да бидат натпреварување со идеи програми и конкретни планови што оној што ќе победи сака да ги аплицира, а граѓаните треба да гледаат што од тоа најмногу им одговара и по таа логика да донесат суд, и да искочат и да го дадат својот глас.