Околу 12.500 натпреварувачи од 58 држави ќе учествуваат на 15. јубилеен Виз Ер Скопски маратон што ќе се одржи денес низ улиците во нашиот главен град.
Учесниците ќе се напреваруваат во четири трки: маратон, полумаратон, штафетна трка и трка на пет километри. Оваа година на најкратката трка пријавени се 9.500 учесници од кои повеќето од половината се жени.
И оваа година ќе има елитни натпреварувачи од Етипопија и Кенија, а се очекуваат и нови рекорди на патеката. За трката е направена мобилна апликација на која ќе можат да се следат натпреварувачите, кој на која позиција се наоѓа во моментот. Пренос на трката ќе врши Македонската телевизија.
– Наградниот фонд изнесува 18.000 евра, а најдобрите во маратонот кои ќе успејат да го освојат бонус критериумот во време, ќе можат да освојат максимум 5.000 евра. Предвиден е и посебен награден фонд и за домашните маратонци бидејќи сакаме да ги мотивираме, изјави директорот на маратонот Кире Синадиновски.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изјави дека Скопскиот маратон е еден од најпознатите во регионот, а за неговиот углед, рече тој, говори податокот дека почнува да станува маратон чие исполнување на норми за учество е еден од императивите на учесниците. Тој додаде дека градот за овој маратон одвоил 1,5 милиони денери од буџетот, но и дека на организаторите им се обезбедени сите капацитети на јавните претпријатија од кои имаат потреба.
Шилегов нагласи дека е посебно горд бидејќи денес ќе се натпреваруваат 60 вработени во градската администрација.
Универзитетската Клиника за хематологија соопшти дека за време на одржување на Виз Ер скопскиот маратон на со почеток во 8 часот, на штандот бр. 20 на Клиниката може да се запишат во Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.
На штандот ќе бидат ангажирани стручни тимови од Клиниката и Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, кои стојат на располагање да го објаснат процесот на зачленување во регистарот. Ќе бидат обезбедени услови за дарување на една епрувета крв-5 милилитри кои се доволни за да се направи ХЛА типизација.
– Со овој гест ќе станете дел од глобалното семејство кое брои над 30 милиони доброволни дарители на коскена срцевина во светот, посочуваат од Клиниката.
Потсетуваат дека е во тек национална кампања „Биди срцевина, биди херој”, што ја спроведува Клиниката во соработка со Институтот за имунологија и хумана гентика, а со поддршка од Министерството за здравство.
Целта на кампањата, како што се наведува, е подигнување на свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во националниот дарителски регистар, секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.
Од Клиниката апелираат сите учесници на маратонот да ја покажат својата хумана и солидарна страна и да се впишат во регистарот.
Околу 50 учесници кои трчаа на Скопско ноќно трчање на 5, 21 и 42 километри, пак ќе трчаат и на Скопскииот маратон како поддршка на лицата со ретки болести за кои не постои терапија.
Весна Алексовска од Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици”, појасни дека од 8.000 ретки болести во светот, само за пет проценти постои некаква терапија која ќе им го подобри квалитетот на живот.
Автобусите на ЈСП ќе се движат по посебен сообраќаен режим за денешниот маратон. Од 8 до 10 часот автобуските линии 25 и 59 А нема да сообраќаат поради одржување на Скопскиот маратон, а дел од автобуските линии што сообраќаат на трасатата на која ќе се одржува маратонот ќе имаат изменет режим на возење.
Град Скопје и ЈСП информираат дека од 8 до 10 часот, по вообичаената траса ќе возат: 2, 2А, 12 и 19 и сите приградски линии.
Од 7 до 14 часот, по вообичаената траса ќе возат: 2, 2А, 12, 19, 20, 25А, 25Б, 42, 45 и 65В, како и приградските линии: 11, 11А, 18, 18А, 32, 47, 47А, 52, 53, 55, 56, 56А, 60, 61, 62, 63, 63А, 63Б, 65, 66, 66А, 68, 69, 71, 81 и 118.
По изменети траси, користејќи ги околните сообраќајници, ќе возат линиите:
3, 3Б, 4, 5, 7, 8, 9, 15, 15А, 16, 17, 20, 21, 21А, 22, 22А, 23, 24, 27, 28, 50, 45, 52, 53, 55, 62, 63, 63А, 65, 65В, 66, 66А, 68, 69, 18А, 47, 47А, 61, 71, 81, 11, 11А, 18, 32, 56, 56А, 60, 118, 57, 59, 31, 41, 51, 67, 70, 74, 58, 73.
На веб-страницата на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk може да се видат трасите на линиите кои ќе возат изменето од вообичаениот режим.