Во Велес и Велешко денеска во тек е гласањето од вториот изборен круг за претседателските избори за кои во овој регион до ОИК се пријавиле 84 болни и изнемоштени лица, за кои гласањето се спроведува во нивните домови. Денеска гласаат и 41 пријавен затвореник во затворското одделение на Затворот во Велес.
Како што информира за МИА Лили Велковска, претседател на ОИК, гласањето е при крај и се реализира во согласност со пропишаните избирачки правила, фер и демократски.
Таа соопшти дека гласањето на затворениците во велешкиот затвор го проследиле и претставници од Мисијата на ОБСЕ во земјава.
Велковска информира дека се е подготвено и за утрешното гласање на 84 избирачки места во Општина Велес, каде во вториот круг од претседателските избори за еден од двајцата кандидати за претседател во единствениот избирачки список се регистрирани вкупно 45.996 избирачи со право на глас.