Полициската станица во североисточниот дел на Париз, беше затворена поради наезда од болви или стеници кои ги испокасале полициските службеници и другите вработени, соопшти денеска синдикатот на полицајците истакнувајќи дека условите за работа се целосно неприфатливи.
„Веќе неколку дена службениците од полициската станица во парискиот 19. арондисман се жртви на инвазија од болви, а можеби и стеници кои ја загрозуваат нивната работа. Работните услови се неприфатливи”, се вели во соопштението, и се додава дека повеќе вработени побарале помош од лекарите поради каснувањата.
Засега не е познато дали станува збор за болви или стеници или за двата вида инсекти.
Поради овој проблем, некои активности, како што се истрагите, се преселени во неделата во анекс зградата, а за јавноста се забранети посетите на полициската станица, според „Индекс“.
Синдикатот бара целосна дезинфекција на целиот простор на полициските објекти, за што се потребни најмалку 48 часа, додавајќи дека оваа ситуација се случува веќе три недели, без оглед на фактот дека вработените на пет различни компании извршија дезинфекција на одредени делови од полициската станица.