Денис Евдокимов, пилотот на патничкиот авион од моделот „ Sukhoi Superjet 100“ на руската воздухопловна компанија „Аерофлот“, кој вчера се запали во текот на принудното слетување на московскиот аеродром „Шереметјево“, при што загинаа 41 лице, изјавил дека удар на гром предизвикал низа проблеми кои довеле до трагедијата. Истото го тврдат и дел од преживеаните патници.
Според Евдокимов, авионот само што полетал за Мурманск со 73 патници и пет членови на екипажот, морал принудно да слета откако инструментите во леталото престанале да работат по удар на гром.
-Поради громот ја загубивме радиската врска… Успеавме да воспоставиме врска со помош на фреквенцијата за испраќање сигнали во случај на опасност, но беше куса и испрекинатата… Успеавме да кажеме неколку збора, а потоа врската се загуби, рекол пилотот за весникот „Комсомолска Правда“.
Тој рекол дека леталото се запалило поради тоа што при приземјувањето со целата сила удрила во земјата па поради полните резервоари со гориво екплодирале.
Анонимни извори запознаени во истрагата во неделата за медиумите изјавиле дека авионот слетал со полн резервоар бидејќи било опасно да се изведе маневрата за празнење над Москва. Поради тоа веднаш е покрената истрага за кршење на прописите за безбедноста.
-Полетавме, влеговме во облак и тогаш почна да паѓа силен град. Во тој момент почувствувавме удар на гром, како да нѐ стресе струја“, рекла главната стујардеса на авионот Татјана Касаткина, пренесува приватната агенција Интерфакс.
На местото на несреќата се пронајдени двете „црни кутии“, објавија медиуми повикувајќи се на соопштението на Министерството за вонредни состојби.