Победата на Стево Пендаровски е најдобар показател на нашата партиска определба, но и за тоа дека Албанците во Северна Македонија се елементот кој ја одредува стратешката иднина на земјата, велат од партијата Алтернатива.
Од таму додаваат дека претседателските избори, како во првиот, така и во вториот круг, беа коректни, праведни и не се забележани инциденти, кои можеле да ѝ наштетат на кредибилноста на изборниот процес.
„На овој начин државата, овој пат, го положи испитот на демократската зрелост, а овој процес беше еден вид потврда дека оваа влада има капацитети да организира праведни и уредни избори, за кои веруваме дека ќе бидат вреднувани и од релевантните меѓународни институции и ова ќе се валоризира и во одредување на датумот за отворање на преговорите за членство во ЕУ“, велат од Алтернатива.
Од партијата истакнаа дека овие избори потврдиле дека мнозинството на нашите граѓани се за западните вредности и за евро-атлантската интеграција на земјата. „Дури и излезноста на овие избори, постигнувањето на потребниот цензус и изборот на кандидатот што гарантира стабилност, интеграција и просперитет, е уште една потврда за нашата стратешка определба“, велат од партијата.