Ракометарите на Вардар имаа сериозни потешкотии во првото полувреме и на почетокот на вториот дел на гостувањето кај Пик Сегед, но во продолжение стигнаа до поднослив пораз (29:25), кој значи пласман на фајнл-фор турнирот во Келн.
Унгарскиот тим започна фуриозно и со добрата игра во одбрана успеа да се одлепи и стигне до разлика која му даваше надеж дека може да се неутрализира негативата од првиот натпревар. Таквата игра го доведе Пик Сегед во ситуација да води со 17:9 на полувреме што значеше дека второто полувреме започнува со егал ситуација и патникот во Келн беше решаван во тие триесет минути.
Во 37. минута Пик поведе со 22:13 и предизвика голема еуфорија во салата, следуваше по еден гол за 23:14, домаќините беа во добра позиција до 25:17, а оттука тргнува серијата која го одведе Вардар во Келн.
Македонскиот првак стигна до 25:23 и потврди дека нема да ја прокоцка предноста од осум голови од Скопје, а единствената утеха за Пик Сегед беше јаловата победа со резултат 29:25. Во завршницата имаше и мал инцидент по еден старт на Мораеш за кој Бразилецот беше исклучен.
Карачиќ со 8 и Криштопанс со 5 голови беа најефикасни кај Вардар на оваа средба, додека во редовите на Пик Сегед Банхиди постигна 7 погодоци.
Вардар трета сезона по ред ќе игра во Келн, а другите учесници се Веспрем, Барселона и Виве Кјелце.