Палестински претставници соопштија дека е постигнат договор за прекин на огнот со Израел со посредство на Египет.
Во меѓусебните напади за време на викендот загинаа четворица Израелци и најмалку 16 Палестинци кои беа убиени во вчерашниот контранападот на израелска армија. Со тоа бројот на палестински жртви се искачи на 22, а околу 150 се повредени.
Израелската армија синоќа соопшти дека при напад врз Појасот Газа го уби командантот на Хамас, Хамад Ахмед Ал Кудри, кој беше задолжен за трансфер на пари од Иран за вооружените сили во Газа.
Воздушниот напад врз неговиот автомобил е прво целно убиство на некој воен командант во последните пет години.
Армијата на Израел наведе и дека во вчерашните воздушни напади погодиле повеќе од 210 цели, додека од саботата кон Израел се истрелани повеќе од 600 проектили, од кои 510 ја поминале границата со Појасот Газа.
– Голем број проектили паднаа на отворени подрачја, но над 35 ракети погодија населени места, при што се уништени поголем број куќи во Израел, изјави портпаролот на израелската армија.
Израелскиот одбранбен систем Железна купола пресретна повеќе десетина проектили.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера издаде наредба за интензивирање на нападите на израелските сили врз екстремистите во Појасот Газа. Тој исто така нареди распоредување на дополнителна тенковска бригада на границата со Појасот Газа и најави одлучен одговор од страна на израелската армија.
Насилството почна во петокот, кога снајперист од палестинскиот Исламски џихад пукаше врз израелски војници и притоа се ранети двајца. Израелската армија одговори со воздушни напади, при што се убиени двајца милитанти од Хамас, под чија контрола е Појасот Газа. Палестинските власти тврдат дека во петокот се убиени и двајца Палестинци, кои протестирале во близина на границата.