Во свечената сала на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија -МАНУ на 9 мај во 12.00 часот ќе се одржи промоција на четири романи објавени на хрватски јазик од академик Луан Старова. За овие романи и балканската книжевна сага ќе говорат проф.др. Елизабета Шелева и академик Ферид Мухиќ.
Поминаа близу две децении од објавувањето на веќе култниот роман на Луан Старова во Загреб „Времето на козите“ во репрезентативната едиција ,,Хит-романи’’, а во превод на врвниот хрватски преведувач Мате Марас. Романот објавен со предговор на Едгар Морен, наиде на одличен прием кај хрватската книжевна критика. Издавачот ,,Тим-Прес’’, надоврзувајќи се на овој интерес ги објави во заедничка книга „Времето на козите – Враќањето на козите“ во превод на Борислав Павловски.
Издавачот ,,Тим-Прес’’, потоа ја објави книгата ,,Ервехе-книга за една Мајка“ во превод на Жељка и Споменка Демниевска и организираше промоција во Загреб на која говореше и познатиот писател во регионот, Миленко Јерговиќ. Потоа авторот со романот Ервехе беше претставен на посебна на реномираниот Саем на книгата во Пула и четвртиот роман на Луан Старова Љубовта на генералот неодамна во Загреб од истиот издавач.
Загрепскиот издавач не чини исклучок кога се во прашање сериското издавање на романи од Балканската сага на Луан Старова. Така во Париз се објавени пет романи од балканската сага, во Софија така пет, во Турција четири, во САД и Италија три три романи и тн. И не само тоа за овие романи од балканската сага се браната докторски десертации, пишуваат монографии , а пишувале и критичари и мислители, како Едгар Морен, Гонкуровецот Морис Друон,Предраг Матвејевиќ, Ален Боске, Васили Василикос, Антон Дончев, Исмаил Кадаре и други. Во париската книжевна критика делата од балканската романескна сага на Луан Старова се вредуваат во големите европски романи.