Од изборите произлегуваат две големи пораки, дека земјата три пати по ред покажа дека се можни демократски избори во мирна, отворена и цивилизирана атмосфера, но и дека мнозинството граѓани сака да оди напред и земјата да се интегрира во НАТО и ЕУ, вели министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, коментирајќи ги резултатите од вчерашните избори и победата на Стево Пендаровски, јави дописничката на МИА од Атина.
За европската перспектива, министерката за одбрана во интервјуто вели дека очекувањата од Самитот во јуни се големи, не поради тоа што постои оптимизам или надеж, туку поради патот што го следи земјата и додава дека „Северна Македонија е единствениот позитивен пример во овој момент во регионот” во однос на добрососедските односи, решавањето на долгогодишните проблеми, но и сработеното во внатрешноста.
-По овие фер и слободни избори со претседател кој целосно го поддржува членството во ЕУ, мислам дека не постои никаков вистински аргумент против нас за да не ги почне пристапните преговори. И мислам дека тоа ќе биде големо разочарување, не само за Северна Македонија, туку и за сите оние на Балканот кои сметаат дека политиката на предусловите на ЕУ може да донесе стабилност на Балканот и да ја подобри ЕУ. Севкупната цел на оваа политика на предуслови (за интеграција на една земја во ЕУ) е да имаме строг, но фер процес. И никогаш не очекувавме одбегнувања, знаевме дека успехот зависи од нас да ги сториме правилните работи и ги сторивме, вели Шеќеринска за АНА-МПА, пренесе МИА.
Во однос на Договорот од Преспа, министерката за одбрана објаснува дека сега кога се тргнати политичките пречки, природниот тек на работите ќе покажат колку ќе биде важен договорот.
-Немам никаков сомнеж дека ќе имаме позитивен резултат во сите аспекти на животот и самите луѓе ќе бидат тие кои ќе го ценат повеќе во иднина, а не само политичарите кои го водеа целиот процес, беа обвинети за тоа и презедоа ризик. Не се сомневам дека бизнисмените, луѓето кои што живеат во близина на границата, младите, сето ова ќе го видат како ново поглавје во нашите односи, кое ќе биде од корист и за двете земји, вели Шеќеринска.