Во Свечената сала на Владата, годинава за прв пат се одбележа „5 Мај – Денот на македонскиот јазик“, откако минатиот месец на Владина седница беше донесена одлука овој ден да биде празник од работен карактер. На свеченоста присуствуваа членови на Владата, академици, професори и научни работници, а беше организирана еден ден подоцна заради изборните активности претходниот ден.
„Во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија, овде пред вас, уште еднаш испраќам јасна порака, дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Нашата татковина, како што велеше Блаже Конески“, ги поздрави присутните на свеченоста премиерот Заев, честитајќи им го Денот.
Тој додаде дека Владата е посветена на грижата за правилната употреба на македонскиот јазик и спомена дека покрај тоа што во соработка со Институтот за македонски јазик обезбеди интернет пристап на „Правописот на македонскиот јазик“, се прават напори на граѓаните да им бидат бесплатно достапни и други дела.
Тој истакна дека главната цел на организирањето на настанот е да се чујат сите укажувања и предлози за сеопфатен и стратешки пристап за да се идентификуваат најдобрите можни начини за создавање услови за развој и промовирање на македонскиот јазик.
„Затоа денеска тука се поканети претставници на најважните институции што се занимаваат со македонскиот јазик, како што е Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, на Академијата на науки и уметности на Северна Македонија – МАНУ и Институтот за македонска литература“, подвлече премиерот Заев.