Монголските здравствени власти го ставија во карантин градот Улгиј на границата со Русија, откако две лица починаа од чума. Мажот и неговата бремена жена починале по консумирање на сурово месо од мрмот.
На холандските, швајцарските, шведските, јужнокорејските, германските и руските туристи им е забрането да ја напуштат областа, известува „Сиберијантајмс“.
Драматичните слики покажуваат како работниците на службата за спречување на контаминација блокираат барем еден авион за да го спречат ширењето на инфекцијата.
Министерството за здравство на Монголија потврди дека две лица, 38-годишен маж и неговата една година помлада бремена сопруга, починале од чума, по консумирање на сурово месо и внатрешни органи на мрмот. Зад себе оставиле четири деца на возраст од две до 13 години.
Според монголската традиција, сировото месо и внатрешните органи на свежо убиен мрмот го подобруваат здравјето, објавија локалните медиуми.
Министерството за здравство во Монголија не смета дека ситуацијата со чумата е критична или блиску до епидемија. Сепак, рокот за карантин, кој во најлош случај може да трае до 21 ден, сè уште не е објавен.
Чума е бактериска болест која се шири со бувите кои живеат на диви глодачи како што се мрмотите.
Болеста може да го убие возрасниот за помалку од 24 часа ако не се лекува навреме, според Светската здравствена организација.