Сите ние треба да се молиме и да рабоитме за мир, и постојано и секојдневно да правиме напори за изградба на култура во која мирот ќе биде фундаментално право, изјави папата Франциск за време на молитвата за мир на плоштадот „Независност” во Софија, на која присуствуваа претсавници на повеќе верски заедници во Бугарија.
-Молете се за мир, вдахновени од Свети Франциск Асишки, големиот вљубеник во Бога. Љубовта на која тој бил сведок…, која го натерала да биде вистински миротворец. Секој од нас по неговиот пример, треба да стане творец, занаетчија на мирот, порача папата.
Тој повика на изградба на „активен и одржлив мир” против сите форми на егоизам и рамнодушност, кои не тераат да ги поставиме ситните интереси над неприкосновеното достоинство на секој човек.
-Мирот бара и моли од дијалогот да направиме пат и со заедничка соработка да дојдеме до она што не обединува, да го почитуваме тоа што не прави различни и да се насочиме да гледаме кон иднината како место за можности и достоинство, пред се за идните поколенија, истакна папата.
Потифот повика со „огнот на љубовта” да го стопиме мразот на војната, нагласувјаќи дека од Софија, каде од секогаш заедно живееле различни религии и култури, апелира за мир.
-Мирот нека се прошири низ целата земја. Во нашите семејства, во секој од нас и особено на тие места каде толку многу гласови беа задушени од војната, задушени од рамнодушноста, нагласи папата.
Поглаварот на Римокатоличката црква ги повика претставниците на верските заедници, на политиката и на културата да работат на изградба и опстојување на мирот.
-Секој, каде и да се наоѓа, извршувајќи ги обврските кои му се доверени, може да направи инструмент на мирот. Со ова апелирам да се оствари сонот на папата Свети Јован Дваесет и трети за Земја во која ќе владее мир. Да ја следиме неговата желба и да кажеме: Pacem in terris! Мир на земјата за сите луѓе што ги сака Господ, истакна папата Франциск на крајот на Молитвата за мир.
Со молитвата заврши официјалниот дел од посетата на папата Франциск на Бугарија, по што тој утре од Софија ќе отпатува за Скопје, каде ќе има средби со претставници на власта во Северна Македонија, на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор. Ќе ја посети меморијалната куќа на Мајка Тереза, ќе одржи света миса на централниот плоштад „Македонија” во Скопје и ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со млади лица од различни верски заедници.