Султанот од Брунеи, Хасанал Болкија го продолжи мораториумот за смртна казна за хомосексуалците и за оние кои ќе извршат прељуба, во обид ги ублажат негативните реакции кои се појавија во јавноста, а кои ги предводат познати личности како Џорџ Клуни и Елтон Џон.
Оваа мала држава во Југоисточна Азија предизвика глобална осуда кога на 3 април објави свое толкување на шеријатските закони според кое содомија, прељуба и силување ќе се казнуваат со смртна казна со каменување, а ќе се отсекуваат рацете за кражба.
Во Брунеи, за некои кривични дела веќе е воведена смртна казна. Се работи за убиство со умисла и за криумчарење наркотици, но од 1990 година немало егзекуции.
Министерството за надворешни работи на Брунеи претходно тврдеше дека воведувањето на шеријатските закони има цел да превенира, а не да казнува, по острите критики од светот поради воведувањето на строгите исламски закони.
Според новите закони, прељубата и сексот помеѓу двајца мажи се казнува со каменување до смрт. Брунеи соопшти дека во рамките на законот ќе има висок праг за докази, што укажува дека казната ќе биде ретка.