Кнапе ги повика турските власти да го гарантираат изборниот процес на повторните избори во Истанбул

Андерс Кнапе, претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа по одлуката на турската Врховната изборна комисија да се организираат нови избори во Истанбул на 23 јуни, ја истакна потребата да се воспостават гаранции за изборниот процес за да се спречи длабока криза на доверба на турските гласачи кон државните органи, јави дописникот на МИА од Стразбур.

– Повторувањето на изборите е вонредна мерка и таа треба да биде основана и оправдана во рамките на транспарентен и непристрасен процес, имајќи во предвид дека сите потребни услови за одржување на слободни и фер избори треба да бидат проверени пред денот на изборите, како што е предвидено со меѓународните принципи, а не по изборите, истакна Кнапе.

Тој додаде дека забелешките на владејачката Партија на правдата и развојот поради нерегуларности на избирачките списоци уследија по законскиот рок.

– Фактот дека задоцнетите приговори доведоа турската Врховна изборна комисија  да одлучи да се повторат изборите во Истанбул е против меѓународниот принцип на обезбедување на сигурна и стабилна законска рамка за избори и сериозно ќе ја поткопа довербата на турските гласачи во изборните органи… Оваа ситуација дополнително  е влошена по информациите што ги добивме за притисоците од Владата врз Врховна изборна комисија  за одлуката во корист на повторување на локалните избори во Истанбул, наведе Кнапе.

Треба да знаете
Последни објави