Кристин Лагард:Тензиите меѓу САД и Кина се закана за светската економија

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, предупреди дека американско-кинеската кавга околу трговијата претставува закана за глобалната економија, пренесува „Спутник“.

Говорејќи по Парискиот форум за задолженоста на земјите во развој, Лагард рече дека неодамнешните шпекулации и твитови не придонесуваат за никаков договор. Таа додаде дека е императив тензиите меѓу двете суперсили да бидат решени за да се избегне забавување на глобалниот раст.

„Ние во ММФ сметаме дека е од клучно значење трговските тензии да се решаваат задоволително за секого, бидејќи денес е очигледно дека тензиите меѓу САД и Кина се закана за светската економија”, изјави Кристин Лагард на прес-конференцијата на маргините на меѓународна конференција во Берси.

Според шефицата на ММФ, од клучно значење е да се оди кон усвојувањето јасна правна и регулаторна рамка, која ќе им овозможи на компаниите да продолжат да ги извршуваат своите активности. Лагард истакна дека е важно да се ослободиме од неизвесноста по ова прашање.

Двете најголеми економии во светот, САД и Кина, се во конфликт откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе тарифи за кинески стоки во вредност од 250 милијарди долари, наведувајќи ја како причина загриженоста дека кинеските трговски практики ги повредуваат американските компании, барајќи приспособување на условите на трговијата меѓу двете земји.

Треба да знаете
Последни објави