Кинеската компанија „Зонгија недвижности“ му понуди на хрватското Министерството за државен имот да го купи Хотел Загорје, поранешното политичко училиште во Кумровец.
Наместо бараните 1,6 милиони евра, тие понудија речиси 2 милиони евра, а за понудата наскоро се очекува одлуката на владата, известија во вторникот од тоа министерство.
Хотел Загорје е всушност поранешно политичко училиште во Кумровец, кое има површина од околу 27 илјади квадратни метри и е во државна сопственост. Интерес за имотот покажа неодамна кинеската претприемачка Џијанг Ју, која повеќе пати беше во Кумровец и изрази желба училиштето да го претвори во хотел, како и други идеи за создавање на спомен-парк на Јосип Броз Тито во тоа место во Хрватско Загорје.
Токму таа стои зад компанијата која ја достави понудата за купување на Хотел Загорје, а како што истакнуваат од Министерството, тоа беше единствената целосна и валидна понуда.