Папата Франциск од Претседателската резиденција: Ве охрабрувам да го следите започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција

Посетата на Неговата Светост, Папата Франциск, на нашата земја продолжи со официјалниот државен пречек во претседателската резиденција „Вила Водно“, каде што високиот гостин и неговата придружба од избрани кардинали, меѓу кои и државниот секретар на Ватикан Пјетро Паролин беа пречекани со највисоки државни почести.

По интонирањето на државните химни на Ватикан и на Република Северна Македонија,  смотрата на почесната воена гарда и поздравот на државното знаме на Република Северна Македонија, Папата Франциск имаше одделни средби со претседателот Иванов и премиерот Заев, на кои присуствуваа и членовите на нивните семејства.

Светиот Отец, Папата Франциск, потоа се обрати пред присутните гости од државните институции на нашата земја, пред претставници на дипломатскиот кор, и пред претставниците на граѓанското општество и медиумите.

Во своето обраќање Папата Франциск се заблагодари за можноста што му се укажа да ја посети нашата земја, и која доаѓа како прва посета на еден наследник на Апостол Петар на 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи на Република Северна Македонија со Светиот Престол.

„Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на Апостолите, се изразува нејзината богата илјадулетна култура што ја наследила. Но, дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години“, истакна Папата Франциск во своето прво обраќање пред македонската јавноста во рамките на неговата апостолска посета на нашата земја.

Во своето обраќање Папата Франциск ја истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ја покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Северна Македонија, и се задржа на мисијата на Светата Мајка Тереза која како наша сограѓанка, ја прошири својата мисија за помош на запоставените, на отфрлените и најсиморашните токму од Скопје.

“Ве охрабрувам да го следите верно започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција која ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе. Бог да ве пази и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост!“ порача Светиот Отец, Папата Франциск во своето обраќање од претседателската резиденција Вила Водно после средбите со Претседателот Иванов и Премиерот Заев.

 

 

Треба да знаете
Последни објави