Папата Франциск, скромниот језуит од Буенос Аирес

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо, Аргентинец со италијанско потекло, е поглавар на Римокатоличката црква од 13 март 2013 година. Во редот на исусовците се приклучил во 1969 година. Тој е 266. поглавар на Римокатоличката црква.

Го наследи Бенедикт Шеснаесетти, кој поднесе оставка. Тој е првиот верски поглавар на 1,2 милијарда католици кој доаѓа од Латинска Америка и прв папа кој не е од Европа, по речиси илјада години. Папата Франциск е првиот језуит на чело на Ватикан.

Роден е на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес. Дипломирал на Теолошкиот факултет во Сан Мигел, a во родната Аргентина предавал и работел на ширење на верата. За кардинал бил избран во 2001 година. Работел на подобрување на угледот на црквата, која загубила многу верници, бидејќи отворено не застанала против диктатурата во Аргентина во 70-тите години од 20 век. Во 2005 година бил во најтесниот избор на претходната конклава кога кардиналот Џозеф Рацингер бил избран за папа Бенедикт Шеснаесетти.

Токму приврзаноста на редот на језуитите ја објаснува неговата одлука како папа да го носи името Франциск, по светиот Франческо Асишки, светец заштитник на сиромашните.

Во пресрет на утрешната негова прва апостолска посета на нашата држава тој упати порака до сите граѓани на државава во која истакнува: „Откако вашата земја стана независна, Светиот Престол сакаше со вас да воспостави пријателски и дипломатски односи. Денес, повеќе од кога било, има потреба и во Европа, и во целиот свет, да се развива култура на излегување во пресрет, култура на братство, и јас ќе дојдам меѓу вас, да го посеам ова семе. Сигурен сум дека вашата земја е добра, дека ќе го прими ова семе и ќе добие плодови.”

– Посебната убавина на вашата земја се должи на различните култури, етникуми и религии што живеат во неа. Секако дека соживотот не е секогаш лесен, го знаеме тоа, но вреди да се вложи тој напор, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои. Мојата посета ја посветувам и на една голема светица, ќерка на вашата земја, Мајка Тереза, родена и израсната во Скопје, која преку благодатта Божја, стана храбра мисионерка на Христовата милост во светот, давајќи утеха и достоинство на најсиромашните меѓу сиромашните, стои во пораката на понтифот.

Треба да знаете
Последни објави