Косовскиот претседател Хашим Тачи го откажа учеството на самитот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што во рамки на годишниот состанок на гувернерите на таа банка утре и задутре ќе се одржи во Сараево, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението од неговиот кабинет, Тачи се заблагодарил на ЕБОР за поканата и рамноправниот третман на Косово на таа средба, меѓутоа го откажал учеството заради лошите билатерални односи меѓу Косово и домаќинот, Босна и Херцеговина (БиХ).
– Единствена причина поради која претседателот Тачи нема да учествува на овој состанок се билатералните односи меѓу Република Косово и Босна и Херцеговина, кои се на најниско можно ниво. Наспроти политичката волја и подготовеноста на нашата држава да имаме добрососедски односи со БиХ и меѓусебно признавање, за жал до денес оваа наша волја не само што не е прифатена, туку често пати е и злоупотребувана, се вели во соопштението од кабинетот на Тачи.
Освен тоа што не ја признава независноста на Република Косово, се вели натаму во соопштението, БиХ продолжува да спроведува визен режим за косовските државјани.
– Парадоксална е ситуацијата во која, наспроти крвавата војна што се случи и наспроти тоа што се уште нема договор за нормализација, слободното движење без пасоши и без визи функционира меѓу Косово и Србија, додека од друга страна БиХ продолжува да ги дискриминира косовските граѓани со визен режим, сооппшти кабинетот на косовскиот претседател.
Затоа, порачува Тачи, „несфатливо е како БиХ се однесува сосема антиевропски и дури и поостро од самата Србија”.
– Косово останува посветено на добрососедството, на регионалната соработка и на евроатлантската иднина, меѓутоа не прифаќа да се потчини и да се дискриминира од никого, се вели во соопштението од кабинетот на Тачи по повод неговото откажување на учеството на самитот на ЕБОР во Сараево.