Поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна и доби азил во Унгарија, на својот фејсбук-профил објави дека на саемот на книгата во Скопје ќе се продава неговата нова книга насловена „Искуства за иднината“.
Како што пишува Груевски во објавата, книгата излегува од печат преку издавачката куќа „Ѓурѓа“.
„Книгата ‘Искуства за иднината’ е всушност мојот докторски труд на тема: ‘Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија’ одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, Република Македонија“, пишува Груевски во авторскиот предговор на делото.
Во рамките на објавата на „Фејсбук“, поранешниот премиер појаснува дека по промоцијата на саемот, книгата „Искуства за иднината“ од петок ќе може да се набави и во тврдa подврска, а за септември е најавена и нејзината англиска верзија.
Саемот на книгата во Скопје започнува утре (8 мај), ќе трае до 14 месецов, а ќе се одржува во ВИП-арената „Борис Трајковски“.