Повелбата за биолошка разновидност, наречена „Повелба од Мец”, беше усвоена од страна на седумте најразвиени земји во светот, јави дописникот на МИА.
Никој денес не се осмелува да ја негира важноста на еколошката криза или итноста на климатската ситуација. Министрите на Г-7 за животната средина кои се состанаа во Мец на 5 и 6 мај, го примија извештајот на Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и Екосистемски служби, кој предупредува на можното исчезнување на краток рок, на една осмина од животинските и растителните видови.
Ниту една од седумте земји кои ја сочинуваат групата од најразвиени земји (Германија, Канада, САД, Франција, Обединетото Кралство, Италија и Јапонија), ниту пак оние кои беа поканети за оваа пригода од Париз (кој претседава оваа година со Г-7) – Чиле, Египет, Фиџи, Габон, Индија, Индонезија, Мексико, Нигер, Норвешка или Европскиот комесар за животна средина – не се обидоа да ја минимизираат важноста на сегашните и идните предизвици.
Повелбата за биолошка разновидност, наречена „Повелба од Мец” е необврзувачка, но текстот укажува на потребата да се „забрзаат и да се интензивираат напори за да се запре губењето на биолошката разновидност, поттикнување и вклучување на други актери, вклучувајќи го и приватниот сектор и го поддржуваат развојот и спроведувањето на глобалната рамка за биодиверзитет по 2020 година”.
Целта на Франција е да го подготви големиот настан на Обединетите нации – Конвенцијата за биолошка разновидност ( КОП15) во Кунминг, Кина, на есен 2020 година на која ќе треба да се постават новите цели за заштита на биолошката разновидност, особено по неуспехот на обврските преземени за (2011-2020) на конвенцијата од Аиши (Јапонија) во 2010 година. Париз, исто така, сака да се појави како предводник во оваа битка, а во јуни 2020 година ќе биде домаќин на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за заштита на природата.