Поранешниот гуру за самопомош Кит Раниер бил „предатор” кој демнел млади жени, вклучувајќи и едно 15-годишно девојче, и ги претворал во сексуални роботи во својата секташка организација, рече сојузниот обвинител на почетокот од денешното судење.
– Обвинетиот ги искористил емоционално и сексуално, изјави помошничката на американскиот обвинител Тања Хадџар во Окружниот суд во Бруклин.
– Се претставувал како најпаметна, најетичка личност на светот… се споредувал себе си со Ајнштајн и Ганди, додаде таа.
Обвинителите денеска соопштија дека меѓу жртвите на Раниер има и три сестри од Мексико, од кои едната имала само 15 години. Уште една сестра била затворена во соба две години.
Денеска во Њујорк почна судењето на Раниер, кој наводно бил на чело на тајно друштво кое со негови иницијали жигосувало сексуални робови. На судењето за сексуална трговија се очекува да сведочат жени кои тврдат дека биле приморани да имаат сексуални односи со Раниер.
Тој се изјасни невин и ги негираше обвиненијата, додека пет лица, кои имале раководни позиции во организации на чие чело бил тој, вклучувајќи ја и актерката Алисон Мак, најпозната по серијата Смолвил, ја признаа вината.
Адвокатите на Раниер тврдат дека тој односите со жените ги имал со нивна согласност.
Тој беше уапсен минатата година по американски налог во Мексико, каде избега откако се појавија наводи за тајно друштво во рамките на неговата група, која жигосувала сексуални робови со негови иницијали.
Ако биде осуден, Раниер се соочува со доживотна казна затвор.