Иран се повлече од клучните обврски, предвидени со меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, една година по напуштањето на истиот од страна на САД.
Претседателот Хасан Рохани рече дека ќе ги задржи збогатените резерви на ураниум во земјата, наместо да ги продава во странство. Тој, исто така, се закани дека за 60 дена ќе продолжи со производство на високо збогатен ураниум.
Според најавите, иранскиот претседател Хасан Рохани ќе испрати писмо до лидерите на Русија, Кина, Германија, Франција и Велика Британија. Сите тие, заедно со Иран и со САД беа потписнички на Договорот, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.
Договорот има за цел да ги спречи нуклеарните амбиции на Иран во замена за олеснување на санкциите, но тензиите меѓу Иран и САД се зголемија откако Вашингтон се повлече од договорот.
Иранската економија оттогаш е погодена од обновените санкции на САД.
Оваа најава доаѓа откако американскиот државен секретар Мајк Помпео направи ненајавена посета на Ирак, а американски авионски превозник беше распореден во регионот на Заливот.
Американски официјални лица објавија закани за американските сили и нивните сојузници од Иран, но дале малку детали за точната природа на заканата.