Мексико повеќе не сака воена помош од САД, рече претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопес Обрадор.
Иницијативата „Мерида”, покрената во 2008 година, имаше за цел борба против шверцот на дрога со помош на американска воена опрема, техничка поддршка и обука на полицајци во Мексико и другите земји на Латинска Америка, кои досега во рамки на тој план примија повеќе од три милијарди долари.
– Сакаме иницијативата „Мерида” целосно да се преориентира, бидејќи повеќе не делува. Не сакаме соработка во употребата на сила, туку соработка во економскиот развој, рече Лопес Обрадор на прес-конференција.
Според него, таквите инвестиции ќе помогнат не само во борбата против шверцот на дрога, туку и во сузбивањето на миграцијата.
– Предлагаме план за развој за југоистокот на Мексико и Централна Америка. Сакаме инвестиции во производството и нови работни места. Не сакаме борбени хеликоптери, рече Лопес Обрадор.
Министерот за внатрешни работи Алфонсо Дурасо во понеделникот изјави дека со средствата од иницијативата „Мерида” ќе се финансира Националната гарда, нова формација која Лопес Обрадор ќе ја создаде за борба против насилство и шверц на дрога.
Претседателот ги отфрли тие наводи и рече дека Мексико самостојно ќе ги финансира новите сили кои до крајот на неговиот мандат во 2024 година треба да сочинуваат 150.000 луѓе. Тој исто така рече дека не сака американски инструктори за Националната гарда.
– Нашата војска има капацитети, поседува центри за обука, истакна Лопес Обрадор.