Михајловиќ: Завршен Коридорот 10 до границата со Северна Македонија

Грделичката клисура е целосно совладана, јужниот крак на Коридорот 10 кон Северна Македонија и Грција е целосно завршен и во зависност од временските услови во следните десет дена ќе биде официјално отворен за сообраќај, изјави утринава, вицепремиерката на Србија и министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ.

Таа, како што соопштија на сајтот на нејзиното министерство, изјави дека на автопатот на Коридорот 10 се чекало најмалку 30 години и дека тој сега е завршен, додавајќи дека следната недела „Србија сака со свечена церемонија да го одбележи отворањето на автопатот и ќе ги покани сите компании и партнери кои учествувале во изградбата, како и од соседните држави.”

-Во прашање беше најтешкото градилиште во Европа, на делница од 26,3 км. Имаме 33 мостови, меѓу кои и највисокиот мост Врла и два најдолги тунели -Предејане и Манајле. Голема работа е направена, го поместивме магистралниот пат, отстранивме 600 илјади кубни метри камен, зад нас се многу тешки интервенции и огромна работа и јас сум горда на сите работници кои учествуваа во изградбата на Коридорот 10. Нема повеќе да се симнува од автопатот на магистралниот пат, што ќе влијае на безбедноста во сообраќајот, што е на прво место, изјави Михајловиќ.

Таа најави дека до крајот на годината ќе бидат завршени и пуштени во употреба два нови автопати: првиот од Ниш до Димитровград и границата со Бугарија, а другиот од Обреновац до Љиг, кој ќе се поврзе со веќе изградениот автопат до Прељина на Коридорот 11.

Со скорешното отварање на делницата кај Грделичка клисура, Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 км. долг автопат од границата на Северна Македонија до границата со Унгарија.

Треба да знаете
Последни објави