Москва ќе продолжи да издава руски пасоши за жителите на Донбас и покрај одлуката на Киев да ги признава овие документи како валидни, изјави рускиот претседателски портпарол Дмитриј Песков на прашањето што ќе реагира Кремљ на одлуката Украина да не ги признае таквите пасоши, пренесува ТАСС.
„Каква реакција може да се очекува од Кремљ? Кремљ ќе продолжи да издава пасоши за оние кои сакаат да ги добијат и се покриени со претседателски декрет”, рече Песков.
Украинската влада денеска одлучи да не им ги признава руските пасоши издадени на Украинците што живеат во Донбас, изјави украинскиот министер за прашања на привремено заземените територии и внатрешно раселени лица, Вадим Черниш, по состанокот на кабинетот.
„Уредбата на украинскиот кабинет ги наведува т.н. центри овластени од Русија за издавање пасоши почнувајќи од одредени датуми. Сите документи издадени од овие центри ќе бидат сметани за неважечки“, рече тој.
Черниш додаде дека владата му наложила на украинското МНР да ги охрабри странските партнери на земјата да донесат слични одлуки.
„Веруваме дека овие ограничувања само го означуваат првиот чекор. Голем број владини експерти работат на понатамошни измени на украинскиот Закон за државјанството, но ќе ги објавиме подоцна“, рече Черниш.
На 24 април, рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша декрет што ги олеснува руските правила за државјанство за жителите на одредени региони на југоисточна Украина.
„Поединците што постојано живеат во одредени области на регионите на Донецк и Луганск во Украина имаат право да аплицираат за руско државјанство по брза постапка“, се вели во декретот.
Според документот, одлуката е донесена со цел да се заштитат човековите права и слободи врз основа на општо прифатените меѓународни закони.