Пониски цени за низа производи во супермаркетите и угостителски услуги во Грција, се очекува да донесе најавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас за намалување на ДДВ-то од 24 на 13 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.
Кафе, какао, чај, шеќер, сол, оцет, сувомеснати производи, чоколади, сладоледи, бисквити, кроасни, двопек, конзерви, житарици, сончогледово масло, масло од соја, пченкарно масло, растителни масти, се на листата производи кои ќе бидат со намалено ДДВ од 13 проценти. Додека пак, паралелно, со намалувањето од 24 на 13 отсто на ДДВ-то ќе бидат опфатени и угостителските услуги, односно производите во рестораните, таверните, пицериите, пекарите, кафулињата, слаткарниците, рестораните за брза храна.
Како што претходно објави МИА, Алексис Ципрас на синоќешната прес конференција рече дека првите позитивни и олеснувачки мерки за граѓаните ќе се спроведат веднаш, односно откако претходно ќе бидат изгласани од грчкиот Парламент, нешто што ќе се случи во текот на овој месец. Први јуни или први јули се можните термини за стапување во сила на намаленото ДДВ, кое ќе биде постојана, а не привремена мерка.
Во вториот пакет мерки предвиден за 2020, односно по изборите во октомври, предвидено е дополнително намалување на ДДВ-то од 13 на 11 проценти, кое би важело од први јануари следната година.
Данокот на додадена вредност за конкретните прехранбени производи беше 13 отсто до 20 јули 2015 кога како дел од пакетот антикризни мерки се зголеми на 23 проценти, а една година подоцна, од јуни 2016 од 23 се искачи на 24 отсто.
Тогаш голем дел од сопствениците на рестораните и кафулињата, наместо да ги зголемат цените, решија разликата да биде на нивен товар, меѓутоа со текот на времето, оваа разлика се префрли и врз потрошувачите.
Со промените пред четири години, предвидувањата беа дека комплет ручек за двајца во таверна од 28 се зголеми на 35 евра, кафето стана поскапо за 30-40 центи, а чоколадата за 10 центи.